Многу дилеми за референдумот – Мицкоски: Опозициските партии на Албанците не се опозиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште многу дилеми околу референдумот што го најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа што не е дефинирана формулацијата на референдумското прашање, претседателот на партијата Христијан Мицкоски вели дека допрва треба да се договорат многу детали околу иницијативата.

„Околу тоа каква форма ќе биде референдумот задолжителна, консултативна, кога би се одржал тој референдум, кој би го поднел, дали пратениците, дали тоа ќе бидат 150 илјади граѓани, дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на Преговарачката рамка или на делот на Преговарачката рамка кој што се повикува на билатералниот договор со Бугарија и изворот на проблемите а тоа е Протоколот. Тоа се работите кои што треба да го заштитат македонскиот идентитет“, вели Христијан Мицкоски.

Од СДСМ повторија дека ова е само фарса на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ кој сака да ги затскрие проблемите внатре во партијата.

„Причините за проблемите во својата партија, во опозициските редови, Мицкоски многу наивно се обидува да ги префрли кај некој друг, но за тоа треба да си се погледне самиот себе си. Целото свое политичко делување Мицкоски го сведе на ширење лаги, манипулации, на крвави сценарија, обиди за блокада на државата и европската иднина на граѓаните“, велат од СДСМ.

Сепак за референдумот партиите се изјаснија дека не ја поддржуваат оваа иницијатива, а против неа беше и опозициската Алијанса за Албанците. Останува ли Мицкоски заедно со Апасиев изолирани во оваа идеја. Противници на ваквото референдумско изјаснување на народот се власта и оние инсталации на власта во опозицијата, вели Мицкоски.

„Јас не сум слушнал став на партиите на Албанците во опозицијата но после тоа што тие го поддржаа, практично оној лист хартија во парламентот имам дилема дали воопшто се во опозиција или се пак резервна варијанта и базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат, за да се идентификуваат себе си како опозиција  тие треба во јавноста да излезат со ставови со кои што ќе ја критикуваат власта. Ако тие ги поддржуваат ставовите на власта тогаш јас не гледам како тие можат себе си да се идентификуваат како опозиција“, посочи Мицкоски.

Од друга страна, пак, од власта се пред предизвикот како успешно да ги спроведат уставните измени кои се потребни за Македонија да премине во втората фаза, односно кога и практично ќе ги почне преговорите со Европската унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: