Речиси 190.000 евра месечно: Ова е највисоката плата во Македонија!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 2,2 милиони евра годишно во бруто износ достигнала највисоката исплатена плата во Македонија во 2025 година. Според извештајот на Управата за јавни приходи (УЈП), станува збор за месечен бруто-износ од нешто помалку од 190.000 евра, исплатен во секторот за вадење камен јаглен.

Највисоката плата е за околу два проценти повисока од рекордната плата евидентирана претходната година. Интересно е што сите пет највисоки годишни плати во земјава надминале два милиони евра во бруто-износ, а сите се исплатени во Скопје.

Меѓу секторите во кои се исплатени овие високи примања се аптеки, трговија со тутун, храна и пијалаци, болници, како и трговија на големо со фармацевтски производи.

Високи износи се евидентирани и кај приходите надвор од редовните плати. Најголем дополнителен приход пријавил жител на Скопје, кој во текот на минатата година остварил нешто помалку од два милиони евра бруто. Во петте највисоки дополнителни приходи се евидентирани уште три износи поголеми од еден милион евра, како и приход од 42 милиони денари.

Кога станува збор за дивидендите, највисок приход пријавил жител на Гевгелија, кој лани добил повеќе од четири милиони евра. Сличен износ пријавил и жител на Охрид.

Извештајот на УЈП покажува раст и на бројот на годишните даночни пријави. Во 2025 година биле изготвени 863.100 пријави, односно речиси 83.000 повеќе во споредба со 2024 година. Тоа претставува зголемување од 10,6 проценти.

Во истиот период, утврдениот бруто-приход се зголемил за 74,1 милијарда денари, односно за 13,8 проценти. Утврдениот данок на личен доход, пак, пораснал за 4,9 милијарди денари, што е зголемување од 13,9 проценти.