Веќе осум месеци тврдат дека станале една партија, но ВЛЕН сè уште не го има формализирано тоа! Формирале заедничко претседателство, но сè уште не успеале да изберат претседател. Овој процес, по сè изгледа, ќе остане за по празниците, бидејќи никој од ВЛЕН досега не најавил кога ќе се случи целосната консолидација. Еден од членовите на раководството на ВЛЕН, Фатмир Лимани, изјави дека колку побрзо правно се формираат органите на партијата ВЛЕН, толку побрзо ќе добие форма самата партија.
„Колку побрзо, толку подобро и за ВЛЕН и за нормалниот тек на сите политички процеси, како и за очекувањата на целата јавност, која со внимание нè следи. Мислам дека сите знаат кој може да биде најдобриот претставник на Албанците во рамките на оваа коалиција што се нарекува ВЛЕН. Тоа треба да им се остави на партиските органи и на структурата што го сочинува субјектот ВЛЕН, како што се ЛД, АШ, Беса, Алтернатива, а на крај да се почека да се реализираат очекувањата на граѓаните. Со голема надеж и длабоко убедување да се фокусираме на изборот на она што сите го очекуваме – да бидеме претставувани од достоинствен лидер, чија единствена ориентација ќе биде Европската Унија“, вели Фатмир Лимани од ВЛЕН.
По излегувањето на АА на Таравари од ВЛЕН кон крајот на април, тројцата лидери – Меџити, Ибрахими и Касами – заедно со дел од АА предводена од Арбен Фетаи излегоа со идеја за формирање партија, но правно тоа сè уште не е реализирано. Внатрепартиски извори наведуваат дека дел од членството го поддржува моделот на одлучување со консензус.
-Во период од четири години да има четири претседатели, со ротација – секоја година од различна партија. Според моделот на швајцарското владеење, одлучувањето да биде заедничко и со консензус од четворицата лидери, додека претседателот да има симболичен статус, а останатите да бидат потпретседатели и генерален секретар. Така партиската моќ ќе биде избалансирана и сите ќе имаат еднаква сила во рамките на субјектот ВЛЕН, велат од ВЛЕН.
Неофицијално се дознава дека несогласувањата во раководството на партијата се должат на поделбата на два табора – едниот околу Изет Меџити, а другиот околу Билал Касами. Со цел да се амортизира можната внатрепартиска поделба, се очекува по новогодишните празници да се предложи консензуален модел, според кој, покрај лидерите на Демократско движење и Беса кои на локалните избори освоија по околу 40% од гласовите, еднаква одлучувачка моќ ќе имаат и новиот претседател на Алтернатива, Беким Сали, чија партија на локалните избори освои 15%, како и претседателот на огранокот на АА, Арбен Фетаи, чии кандидати за градоначалници и општински советници освоија околу 5% од гласовите.
