Многу В.Д. „директори“ – „последица од политичките пазарења и непознавање на странски јазици“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во јавните институции речиси половина од директорските позиции се пополнети со вршители на должност директор, или поточно 60% се директори а 40% в.д. директори, покажува извештајот на Центарот за управување со промени, базиран на 60% од институциите кои поднеле извештај. Директорката на центарот, Неда Малеска Сачмаровска, вели дека ваквата состојба најмногу е последица од политичките пазарења. Според неа, вршителите на должност се назначени главно бидејќи дел од нив не ги имаат потребните компетенции за да аплицираат на јавните повици, главно поради непознавање странски јазици.

Според Сачмаровска реорганизацијата како процес треба да се фокусира на јавните претпријатија, каде има, како што истакна таа, има сериозни проблеми. Во некои региони има многу вработени во социјалните центри, а малку корисници на овие услуги и обратно. Во руралните подрачја предизвик е собирањето комунални такси,за отпад, вода и други услуги, бидејќи нема жители и во тој случај претпријатијата можат да банкротираат, вели Сачмаровска.

Извештајот од истражувањето на центарот исто така покажува дека 423 институции во земјава имаат Надзорни и Управни одбори. Секоја година членовите на овие одбори чинат најмалку 2 милиони евра. Државата платила 2,5 милиони евра за нивните паушали за периодот 2015-2017.