Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека внимателно ја следи влошената безбедносна состојба во Израел и апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции.
Од МНР ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и да постапуваат согласно издадените упатства, со цел да се обезбеди нивната лична безбедност.
Истовремено, Министерството апелира до сите македонски државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Според информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел во моментов е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, а засега нема конкретна најава кога би можел да биде обновен редовниот воздушен сообраќај.
Од Министерството потсетуваат дека македонските државјани кои имаат потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на соодветните контакти на дипломатско-конзуларното претставништво.
