Модерен клинички центар или само предизборно ветување за Тетово – 74 милиони евра за три нови објекти и реконструкција на болницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Три нови објекти и реновирање на два постојни блока се дел од проектот за модернизација на Клиничката болница во Тетово, инвестиција вредна 74 милиони евра. Директорот на болницата, Ерзен Елези, изјави дека проектот веќе е доставен до надлежните институции и предвидува изградба на објекти за Гинекологија, Нуклеарна медицина, како и одделенија за Инфективно, Психијатрија и Дерматологија.

„Овој проект опфаќа три нови објекти во Клиничката болница во Тетово. Еден објект е предвиден за Гинекологија, еден за Нуклеарна медицина и еден за одделенијата Инфективно, Психијатрија, Дерматологија и други. Исто така, предвидено е и целосно реновирање на хируршкиот и интернистичкиот блок“, изјави Ерзен Елези – директор на Клиничката болница во Тетово.

Според Елези, проектот ги поминал процедурите во Министерството за здравство и моментално се наоѓа во Министерството за финансии, каде што се очекува одобрување на финансиските средства. Тој нагласи дека 95 проценти од инвестицијата се финансираат од Европската Унија, а само 5 проценти од Министерството за здравство.

„Во Министерството за здравство се поминати сите законски фази, а сега проектот е во Министерството за финансии и се надеваме дека многу брзо ќе се реализира и финансискиот дел. Треба да се истакне дека 95 проценти од буџетот се финансираат од европски средства, додека 5 проценти се од Министерството“, рече Ерзен Елези – директор на Клиничката болница во Тетово.

Ветувањата за инвестиции во Клиничката болница во Тетово датираат уште од периодот пред локалните избори во 2025 година. Оттогаш, министерот за здравство Азир Алиу неколкупати го повтори ветувањето за реализација на овој проект.

Доколку инвестицијата се реализира, Клиничката болница во Тетово се очекува да прерасне во еден од најмодерните здравствени центри во регионот.