Моќта над вештачката интелигенција се концентрира во рацете на неколкумина, предупредува Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Говорејќи на отворањето на 63. сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева, високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк оцени дека брзиот развој на ВИ отвора сериозни прашања за човековите права, приватноста и контролата врз технологијата.

Само неколку луѓе денес имаат речиси неограничена моќ над развојот на вештачката интелигенција, предупреди Турк. „Неколкумина мажи имаат речиси неограничена моќ над ВИ“, рече тој, предупредувајќи дека големите технолошки компании располагаат со огромна моќ врз системите што сè повеќе влијаат врз секојдневниот живот.

Според Турк, одложувањето на јасни правила и контрола најмногу им оди во прилог на големите технолошки компании, нивните сопственици и луѓето што стојат зад нив. Тој предупреди и дека напредните системи на ВИ можат да претставуваат сериозен, па дури и егзистенцијален ризик за човештвото доколку нивниот развој продолжи без доволно безбедносни механизми.

Турк побара државите да договорат јасни „црвени линии“ за употребата и развојот на ВИ, како и силни гаранции за нејзината безбедност, воедно најавувајќи дека ќе се обрати и директно до компаниите кои развиваат ВИ и ќе побара од нив веднаш да преземат чекори за намалување на ризиците.

Според него, прашањето за ВИ веќе не е само технолошко прашање. Станува збор и за тоа кој ја контролира технологијата, кој располага со податоците на граѓаните и кој ќе ги поставува правилата според кои таа ќе функционира во иднина.