Молк од 16 секунди за 16 години чекање пред ЕУ – Димитров до Захариева: Ја имам слободата да одберам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Молк од 16 секунди за да се прикажат 16 години чекање пред вратата на Европската унија. На овој начин вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров го почна обраќањето на Парламентарната сесија на Советот на Европа што се одржа во Стразбур. А, да биде иронијата уште поголема тој седеше во парламентарното собрание и на седиштето со број 16.

По овие 16 секунди можете да замислите како изгледаат 16 години за мојата земја која е кандидат за членство уште од 2005 година порача Димитров. Сега е навистина време да продолжиме напред, рече тој, притоа даде остра забелешка на барањата од Бугарија.

„Прашањето на мојот мајчин јазик, македонскиот јазик, не треба да биде во контрадикција на барањето на државата за да продолжи напред кон членството на патот кон Европа. Не ако Европа е континент во кој го негуваме јазичната и културната различност. Кој сум јас и кој јазик зборувам не се прашања за кои други треба да кажат други држави или други организации.“, рече Димитров.

Димитров одговараше и на прашања на членовите на Парламентарното собрание, а меѓу нив беше и поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева. Таа ги повтори обвинувањата за притисоци врз бугарското малцинство во земјава, како и говор на омраза, но и употребата на бугарски фашисти.

„Има бројни случаи на различни видови притисоци вклучувајќи малтретирања дури и криминал против граѓани во Република Северна Македонија со бугарска определба. Исто така има значаен пораст во говор на омраза вклучувајќи и политичари и претставници на државни институции.“, рече Захариева.

Димитров и одговори дека такви случаи нема.

„Ние сме земја која е мултиетничка, ние имаме во Уставот и со политичката традиција дека сите етникуми во државата се еднакви. Ние сега имаме попис кој се одржува сега, и на листот кој се пополнува нема опција да одберам, туку јас ја имам слободата да одберам“, изјави Димитров.

Димитров од членот на Парламентарното собрание на Советот на Европа доби многубројни прашања во врска со модалитетите за надминување на предизвиците, заокружување на европската перспектива на регионот и за Отворен Балкан.