Се враќале од училиште, но сите морале да се симнат од автобусот. Причината за тоа била кавгата меѓу двајца адолесценти за столче во автобусот, а како последица на тоа завршиле во болница со повреди на раката.
Според информациите од полицијата станува збор за ученици од селата Морани и Студеничани.
„Инцидентот се случил синоќа по вербална расправија меѓу двајца малолетници за седиште во автобус. Малолетникот од село Морани извадил нож и нападнал друго лице и по неуспешниот напад, во текот на физичката пресметка се повредил себеси и еден друг другар“, вели репортерката на ТВ21.
Друг настан имало во автобус од ЈСП кој во моментот на инцидентот сообраќал во Кисела вода.
„На 22.09.2022 во 19.33 часот во СВР Скопје е пријавено дека полициски службеник задржал две лица кои кај Стара Рампа, во автобус бр. 51 го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници, во која бил употребен остар предмет“, велат од МВР.
По овој настан известено е и Обвинителството и по документирање на случајот против сторителите ќе се покрене соодветна пријава. Сличен настан минатата недела се случил и во автобус на ЈСП, бр.65. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски заедно со полициски службеници за спречување насилство и вакви инциденти во јавниот превоз, најави дека ќе има полициски патроли во автобусите се до надминување на ваквите проблеми.
