По најавата на Сојузот на средношколци во која истакнуваат дека ќе продолжат со бојкотот на наставата и во текот на следната недела, се јави и Министерството за образование и наука кое вели дека заедно со Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите учениците кои се пријавиле да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет.
Според Министерството, неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет.
Потсетуваат дека учениците кои не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит.
„Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите“, појаснуваат во соопштение.
Од МОН појаснуваат дека се направени измени и во постојната концепција, воведени се два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и е усогласена проектната задача за да биде интересна за матурантите. И тоа е направено заедно со средношколците.
„Исто така, потсетуваме дека работна група во која учествуваат претставници на средношколските и Државниот испитен центар ќе подготви целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година и со ова за кратко време направен е голем исчекор кон подобрување на целиот концепт“, посочуваат од Министерството.
Апелираат дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации.
„Министерството од самиот почеток прави се да не дозволи пандемијата да се одрази на развој и напредок на учениците. Свесни сме дека пандемијата донесе многу предизвици и промени, но тоа не смее да ги поколеба учениците и матурантите да продолжат да учат и да се надградувате. Бојкотот на група матуранти не оди никому во прилог и во овој случај целосно е неоправдан“, се наведува во соопштение.
МОН посочува дека останува силен партнер на учениците, матурантите, наставниците и родителите и како и досега отворено и заеднички ќе дискутираат за сите предизвици, но сега, како што појаснува во соопштение, потребен е разум и прифаќање на состојбите.
