Околу 30 ученици во текот на минатиот и овој месец заминале да ја претставуваат Македонија на меѓународни научни олимпијади, при што сите трошоци за нивното учество се целосно покриени од државата, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според неа, Министерството за образование и наука и Владата втора година по ред обезбедуваат целосно финансирање на патувањата и котизациите за младите таленти, со што нивните семејства не се изложени на дополнителни финансиски трошоци.
„Така ќе биде и понатаму. Нашите таленти заслужуваат целосна поддршка за да напредуваат, да ги развиваат своите знаења и да покажат дека Македонија има млади луѓе кои рамноправно се натпреваруваат со најдобрите во светот“, порача Јаневска во објава на Фејсбук.
Од Министерството посочуваат дека поддршката за учениците кои учествуваат на престижни меѓународни натпревари е дел од заложбите за поттикнување на извонредноста во образованието и создавање услови младите да ги развиваат своите способности и да ја претставуваат државата на највисоко ниво.
