МОН не се откажува од дигитални учебници – дел од учениците ја блокираат наставата, родителите најавуваат протест

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од учениците од основното и средното образование ги бојкотираат часовите поради дигитализација на учебниците. Главно бојкотираат учениците од петто до деветто одделение, како и средношколците, информираат директорите со кои контактираше ТВ21. Во ОУ „Братство-Миѓени“ наставата ја бојкотираат над 400 ученици.

„Од 1.124 ученици, бојкотираат 474. Во контакт сум со родителите. Имаше родители кои не се информирани од страна на нивните деца и се зачудени. За утре закажавме средба со Советот на родители со цел да дискутираме околу ова“, вели Риза Етеми.

Фисник Рустеми, член на иницијативата „Учебници и настава мора да има“, воедно и родител на три деца, вели дека ќе продолжи со бојкотот сѐ додека не се повлече законот кој предвидува дигитализација на учебниот материјал.

„Бојкотираат сите освен првата година. Во некои училишта има целосен бојкот, во некои бојкотираат 70-80% . Согласно информациите што ни доаѓаат, има разни притисоци, но и страв. Има родители кои велат  – моето дете не бојкотира, другите бојкотираат“, порача Фисник Рустеми.

Од МОН велат дека мал дел ученици не го следат наставниот процес. Но, не откриваат колку точно ученици се вон часовите.

„Министерството за образование и наука информира дека помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата. Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите“, посочуваат од Министерството за образование и наука.

Од иницијативата велат дека ако МОН не ги земе предвид нивните барања, тогаш в недела ќе излезат на протест во сите градови низ земјава. Ресорното министерство не се откажува од намерата за дигитализација на учебниците, но додаваат дека се отворени да поразговараат со родителите доколку имаат дилеми во однос на новиот закон.