Тошковски: Криминалните мрежи можат да продолжат да делуваат и зад затворските ѕидови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Организираниот криминал во затворите претставува поширок безбедносен и институционален предизвик, кој не може да се решава само во рамките на казнено-поправните установи, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на регионална конференција во Скопје.

Тошковски денеска учествуваше на Регионалната конференција „Организиран криминал во затвори: Зајакнување на интегритетот, разузнавањето и соработката во Југоисточна Европа“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која присуствуваат претставници на надлежни институции и експерти од регионот.

Според министерот, фактот што членовите на криминалните структури се лишени од слобода не значи дека престануваат нивните активности. Тие можат да продолжат да комуницираат, да влијаат врз други лица и да ги одржуваат своите мрежи, што може да има последици врз интегритетот на институциите и ефикасноста на целиот систем на кривична правда.

Тошковски посочи дека меѓу слабостите кои можат да бидат искористени од криминалните структури се пренатрупаноста, начинот на спроведување на притворот, недоволно развиените алтернативи, можноста за регрутирање ранливи лица и ризикот од коруптивно влијание.

„Мораме отворено да ги препознаваме ранливостите“, порача министерот, додавајќи дека притисоците, заплашувањето и корупцијата претставуваат директна закана за интегритетот и отпорноста на затворскиот персонал.

Како еден од клучните механизми во справувањето со проблемот, Тошковски го издвои институционалниот интегритет. Според него, неопходни се јасни професионални стандарди, одговорно раководење, ефикасни механизми за проверка и спречување на корупцијата, како и поддршка за службениците кои се соочуваат со различни притисоци.

Посебно внимание посвети и на разузнавачките капацитети во затворите. Навременото препознавање на ризиците, како што посочи, зависи од квалитетни информации, соодветна анализа и брза размена на податоци меѓу затворските служби, полицијата, обвинителството и останатите надлежни институции.

„Ниту една од овие мерки не може да даде целосен резултат без соработка“, истакна Тошковски, нагласувајќи дека институциите треба да дејствуваат координирано – од превенцијата и истрагата, преку обвинението и судењето, па сè до извршувањето на санкцијата.

Тој оцени дека регионалната соработка е особено важна бидејќи транснационалните криминални мрежи, коруптивните ризици, притисоците врз затворскиот персонал и недоволната размена на разузнавачки информации не познаваат државни граници.

Според Тошковски, потребни се заеднички оперативни механизми, ефикасна размена на информации, заеднички обуки и јасни процедури за заштита на интегритетот, со цел да се создадат поотпорни институции кои истовремено ќе ги штитат безбедноста и човековите права.

Министерот ја поздрави иницијативата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, оценувајќи дека ваквите регионални платформи овозможуваат размена на искуства и добри практики меѓу институциите и експертите.

Тошковски порача дека МВР ќе продолжи да ја продлабочува соработката со партнерите од регионот, со цел зајакнување на институциите, подобрување на безбедноста во казнено-поправните установи и создавање поефикасен и поотпорен систем на кривична правда во Југоисточна Европа.