Министерството за образование и наука е виновно за неуспехот на образовниот процес на државно ниво, притоа загрозувајќи ја новата учебна година, обвинуваат од опозициската Алијанса за Албанците, потенцирајќи дека министерката Мила Царовска го остави образованието без потребната инфраструктура и без план за настава на далечина.
„Денеска сме на средина на јуни и МОН не презема никаков чекор за организирање на училиштата од септември според добро познатата форма а не настава на дистанца. Од друга страна не презема никаков чекор ниту за подобрување на инфраструктурата за настава на дистанца при што е оставено настрана и создавањето на системот за управување со образованието но и за создавањето на инфраструктура“, посочи Азир Алиу, АА.
Албанската опозиција бара учениците од септември да се вратат на училишните клупи, но како што додаваат, со невакцинацијата на наставниците, ситуацијата е нејасна. Од Министерството за образование велат дека прават напори да ги имунизираат наставниците, но додаваат дека не зависи од нив.
„Министерството за образование и наука е во постојана координација со министерството за здравство и се прават напори за вакцинирање на наставниот кадар. Сите посакуваме учениците да се вратат во училиштата затоа што знаеме дека наставата со физичко присуство е во најдобар интерес на децата, но оваа одлука не зависни од МОН туку од епидемиолошката состојба и проценките на Комисијата за заразни болести“, истакнаа од МОН.
Друго барање на опозициската АА е откажување на дигитализацијата на книгите, бидејќи, како што велат, реформите за дигитализација на образованието се забрзани и потребно е вклучување и на експерти. Сепак, од кабинетот на министерката Царовска нагласуваат дека реформата во основното образование е донесена во консултација со сите засегнати страни, и според нив, секое откажување на реформата би претставувало директна штета за децата.
