Иако организираат и поддржуваат бројни настани и манифестации, културата зазема ограничен простор во јавната комуникација на институциите, а независната културна сцена е уште помалку видлива – покажува почетниот медиумски мониторинг на Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Јадро за периодот 1 април – 30 јуни 2026. Автори се Мила Стаменова Бурнс и Петрит Сарачини, а опфатени се Министерството за култура и туризам, Град Скопје и општините Тетово, Струга, Битола, Кавадарци и Струмица, како и медиумското известување за културата.
Според наодите, комуникацијата на Министерството за култура и туризам е интензивна, но повеќе информативна и протоколарна, со фокус на активности и посети на министерот, настани, манифестации и претставување на македонската култура во странство. Помалку простор има за објаснување на културните политики, резултатите од програмите и ефектите од инвестициите во културата. Од 140 содржини објавени на веб-страницата на Министерството во тој период, само 11 (7,86 %), јасно се поврзуваат со независната културна сцена, невладини организации, мрежи, платформи и иницијативи.
Сличен тренд е забележан и кај локалните власти. Град Скопје има 8 објави на веб-страницата за три месеци, од кои само една била поврзана со културата, додека од 66 објави на Фејсбук, само 7 биле самостојни содржини, а останатите биле реобјави од профилот на градоначалникот.
Кај Општина Тетово од 29 веб-објави, 3 биле за култура, додека кај Струга од 8 објави – 3 биле културни. На Фејсбук страницата на Струга биле регистрирани 161 објава, од кои 17 за култура.
Општина Струмица објавила 39 веб-содржини, од кои 4 биле поврзани со културата, а од 112 објави на Фејсбук – 23. Најаактивна веб-страница има Битола, но од 123 содржини, 14 биле за култура, односно 11,38 отсто.
Во Кавадарци, пак, од вкупно 9 содржини на веб-страницата за три месеци, ниту една не била поврзана со културата. На Фејсбук профилот на градоначалникот биле регистрирани повеќе од 400 објави, од кои 15 биле за култура.
Еден од наодите е и изразената персонализација на локалната институционална комуникација. Во дел од општините значителен дел од содржините на официјалните канали се преземаат од профилите на градоначалниците.
Во медиумите пак, кои беа анализирани преку кластерите објавени на македонскиот агрегатор Тајм, во анализираниот период биле регистрирани 3.902 објави за културата. Најголемо внимание добиле институционалните активности, поголемите манифестации и теми како „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, реконструкцијата на Универзалната сала и Националната стратегија за развој на културата 2026–2030.
Независната културна сцена е присутна, но многу помалку и најчесто преку поголеми фестивали, меѓународни проекти и јавни реакции, наместо преку континуирано следење на нејзината работа.
Извештајот препорачува Министерството да ја унапреди стратешката комуникација, редовно да информира за јавните повици, реализираните програми и ефектите од финансираните проекти и да обезбеди порамноправна, поголема и поконтинуирана видливост на независната културна сцена.
За локалните власти се препорачува културата да има поконтинуирано место во официјалната комуникација, да се намали персонализацијата и повеќе да се промовираат локалните уметници, културни установи и независни организации.
На медиумите им се препорачува поголемо внимание на културните политики, финансирањето и условите за работа во секторот, повеќе известување за културните настани, порамномерна застапеност на различните актери и повеќе аналитичко и истражувачко известување.
Мониторингот е дел од проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“, кој го спроведуваат Јадро и ИМА, со поддршка од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, имплементиран од Хартефакт Фонд.
