Фудбалот во Македонија, од младинските категории, па се до првата фудбалска лига е на многу ниско ниво. Мора да се сменат работите од корен, за да се постигнуваат успеси. Ова е ставот на легендарниот фудбалер Горан Пандев, кој од пред неколку дена е назначен за директор на сите фудбалски селекции. Се надева дека со новиот претседател Масар Омерагиќ и врвни професионални тренери, состојбата ќе се помрдне од мртва точка.
-Треба, еднаш засекогаш да ги тргнеме суетите на страна и да играат најдобрите деца, бидејќи кај нас, во последните 7-8 години, имав и фудбалска школа во Струмица, не се повикуваат најквалитетните деца да играат во нашите репрезентации, изјави Горан Пандев, спортски директор на националните селекции.
Пандев во интервјуто зборуваше и за начинот на кој одредени фудбалери добивале шанса за настап во репрезентацијата, иако не го заслужувале повикот.
–Па уште јас кога играв во младинските категории на македонската репрезентација го имало тоа, еден период и затоа се откажав од македонската репрезентација. Кај нас има многу навлезено менаџери што ги лажат децата и тренери кои ги повикуваат децата кои не заслужуваат да играат во репрезентацијата, изјави Горан Пандев, спортски директор на националните селекции.
Една од причините поради кои направи пауза од настапите за националниот дрес е токму ова, вели тој. Иако одлуката била многу тешка, сепак на крајот се испотави дека била клучна за работите да тргнат на подобро.
–Кога ќе се откажеш од репрезентативен дрес е….Јас три години не играв во репрезентацијата и ова беше најтешкиот период во мојата кариера. Но, мораше да повлечам чекор, бев на некое ниво што кое можев да си го дозволам тоа, да се средат некои други работи во репрезентацијата, изјави Горан Пандев, спортски директор на националните селекции.
ТВ21: Ја исполни целта? Значи со твоето повлеување се придвижиле работите кон подобро?
Пандев: Мислам дека да…
Вели, дека едно време барал остава од селекторот Благоја Милевски, но и од сега веќе поранешниот претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини заради нарушената атмосфера во селекцијата и лошите резултати. Но, сега вели Милевски ќе добие шанса во квалификациите за СП. Дали ќе остане селектор, ќе зависи од резултатите. Пандев во интервјуто во Дејли Клик зборуваше и за неговиот приватен живот, за времето поминато играјќи за Интер, Лацио, Наполи, Галатасарај, Џенова, за освоената Лига на шампиони. Токму со интервјуто со Горан Пандев, ТВ21 го емитуваше последното издание на Дејли Клик за 2024-та година. Со нови гости и интересни детали, продолжуваме од 13-ти јануари.