Мора да има ребрендирање на СДСМ – Петровска: Однесувањето на ДУИ влијаело лошо за рејтингот на СДСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На СДСМ му треба целосно ребрендирање што ќе значи промена на голем дел од раководството, начинот на дејствување, но и враќање или давање нови симболи на партијата. Ова во утринското издание на Дејли Клик го изјави Славјанка Петровска кандидатка за челната позиција на СДСМ, говорејќи за плановите и идеите за подигнување на нивото на партијата. Според неа од клучно значење е да се реактивираат и поранешни лојални и искусни членови, кои биле неправедно маргинализирани.

-Чувствувам уште поголема одговорност доколку станам претседател на СДСМ да ги повикам сите тие членови, не само што ги познаваме во јавноста, туку постојат и многу други кои секогаш биле во позадина, но некогаш можеби го носеле и најголемиот товар на партиското дејствување лично да ги побарам и да ги поканам повторно да се активираат. На крајот од воведот на мојот Манифест спомнувам во една реченица само дека сите заедно ќе ја пишуваме стратегијата за победа на СДСМ, изјави Славјанка Петровска кандидатка за претседател на СДСМ.

За состојбите во СДСМ вчера на одбележувањето на 34 годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и мандатарот Христијан Мицкоски кој рече дека никогаш нема да дозволи партијата да стане како социјалдемократите кои биле потчинети на ДУИ.

-Внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата ВРЕДИ што е ноторна измислица. Замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ, нам кои што повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија, ни велат дека сме дале премногу. Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ, ниту пак ќе дозволам ВРЕДИ да стане тоа што беше ДУИ, вели Христијан Мицкоски мандатар.

На одреден начин Петровска го призна ова и рече дека однесувањето на ДУИ и немањето реакција од страна на СДСМ придонело да има вакво мислење во јавност.

-Одредени случувања за кои јавноста беше сведок, а беа резултат на однесувања на поединци во нашиот тогашен коалиционен партнер ДУИ и несоодветната реакција од наша страна, која исто така мора да си ја признаеме како слабост практично придонесоа да се формира едно вакво мислење дека не ја владееме коалицијата. Очигледно е дека не било сериозно сфатено со голема сериозност или можеби пак и недостатокот на дека немало соодветни механизми за санкционирање за жал придонесоа за сето тоа, изјави Славјанка Петровска кандидатка за претседател на СДСМ.

Изборниот конгрес на СДСМ е закажан за 30 јуни, а покрај Петровска кандидати за челната позиција на партијата се и Венко Филипче, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. По досега најлошиот изборен резултат во кој социјалдемократите освоија само 18 пратенички места, оставка на функцијата претседател на СДСМ си поднесе Димитар Ковачевски.