МОСТ со 900 набљудувачи на изборите, мониторинг ќе има и за лицата во изолација, но од безбедна дистанца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МОСТ ќе ги следи изборите со околу 900 набљудувачи на 696 гласачки места, со што ќе покрие околу 20 проценти од вкупниот број гласачки места. И на овие избори тие ќе бидат препознатливи со нивните жолти маички, вели извршниот директор на невладината МОСТ Дарко Алексов. Покрај на гласачките места МОСТ ќе има и 80 набљудувачи на општинските изборни комисии и еден на Државната изборна комисија.

„МОСТ ќе распореди и 55 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои што ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи а истовремено ќе покриваат и избирачки места кои што не се покриени со статично набљудување.“, вели Дарко Алексов.

Но, како МОСТ ќе го набљудува гласањето на лицата кои се во изолација а кои се пријавиле за гласање в понеделник на 13 јули, чиј број е околу 750 гласачи. Дали набљудувањето ќе го следат заедно со екипите кои ќе влегуваат во домовите?

„Тоа треба да видиме дали ќе се оди по принципот да се даде ливче, па човекот да гласа внатре и да го врати или ќе оди по принципот да се влегува во живеалиштата каде што се пријавени овие луѓе. Меѓутоа дефинитивно нема да влегуваме во куќите. И со нас и без нас процесот ќе тече така како што ќе тече. Наша задача е да видиме како течел. Ќе направиме максимум уште еднаш кажувам да видиме како ќе тече тој процес.“, изјави Алексов.

МОСТ и на овие избори останува да го набљудува процесот на гласање, иако годинава со намален капацитет. Во текот на изборниот ден во среда, на 15 јули, од оваа асоцијација ќе излезат со четири прес конференции за текот на гласањето и уште една на која ќе бидат објавени резултатите од пребројувањето на гласовите.