Поради атмосферските услови и зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија, во наредниот период можни се неочекувани прекини во производството на електрична енергија, информираат од Владата. Советникот за енергетика Виктор Андонов вели дека состојбата се следи и дека граѓаните навреме ќе бидат известени за мерките што ќе ги преземат. Тој додава дека нема да има затворање на училиштата или други институции поради немање струја.
Од вчерашниот биланс произлегува дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ е 10.756 мегават часови, од кои 7.800 се произведени во термоелектрани, додека останатите 2.956 се од обновливи извори на енергија, т.е. од хидроцентрали и ветерници.
Со одлука на Владата, прехранбениот сектор, поточно производителите на основни производи, млеко, месо, леб, маслО и други, ќе добиваат струја по цена од 80 евра за мегават час, со цел намалување на цената на основните производи за животот.
