Македонија се уште има шанси да се извади од состојбата во која западна по неколкуте изјави и на претседателката Гордана Силјановска Давкова, но и на мандатарот Христијан Мицкоски во користењето на уставното име, со што од грчка страна дојдоа сериозни предупредувања. Вицепремиерот за европски прашања во заминување Бојан Маричиќ во емисијата Дејли Клик на ТВ21 вели дека треба да се биде внимателен во односот со Грција и со почитувањето на Преспанскиот договор бидејќи, сепак таа има моќно влијание во Европската унија. Може да дојде нова блокада од Грција ако Македонија не го користи уставното име, вели Маричиќ.
„Ако нашата Влада, односно новата Влада почне и продолжи да не го користи уставното име и од тоа да направи тема на секој меѓународен собир каде што Грција нема да пропушти од тоа да направи поента може еден голем дел од државите да се солидаризираат со Грција и притисокот да се сврти кон нас по многу основи и многу скоро да дојдеме до една обновена блокада од страна на Грција која што нема да биде во наш интерес“, вели Бојан Маричиќ.
Деновиве и претседателите на САД и Франција Џо Бајден и Емануел Макрон упатија порака до новата Влада да ги почитува меѓународните договори. На ова пак мандатарот Христијан Мицкоски во вчерашната изјава рече договорите се двонасочни улици односно дека тие треба да се почитуваат од двете страни.
„Истовремено очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед да ги почитува. Ние креиравме еден документ колку е имплементирано од наша страна, колку е имплементирано од грчка страна и планираме да го запознаеме секој оној кој што е љубопитен да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот меѓународен договор“, вели Христијан Мицкоски.
Во однос на случувањата со Бугарија сега откако веќе е извесно дека Бојко Борисов ќе ја формира новата Влада, Маричиќ вели дека од наша страна единствено може да влезе во некаква дискусија односно декларативна заложба дека уставните измени се максимумот и дека нема да има нови барања.
„Мислам дека она што ќе се обиде новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ е да влезе во еден вид на разговори со бугарската влада околу некакви декларативни заложби кои што веројатно ќе значат некаква гаранција дека нема да има нови теми, нови прашања нови блокади по уставните измени. Новата бугарска влада нема да влезе во преговарање повторно на преговарачката рамка и на условите под кои ние ќе ги продолжиме преговорите“, вели Бојан Маричиќ.
Вчера Мицкоски одбегна да одговори дали во идниот мандатар Борисов гледа разумен политичар со кој би разговарал околу договорот. За ова и неодамна евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека новата Влада можеби ќе сака да влезе во повторни преговори со Бугарија, но, како што истана, тешко е да се замисли дека може да се издејствува подобар договор или Преговарачка рамка.
