Основното јавно обвинителство во Куманово започна постапка против 39-годишник од селото Черкези, осомничен за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“.
Според Обвинителството, осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на премиерот на Македонија. Поради опасност од бегство и неговите претходни насилни кривични дела, обвинителот побарал да му биде определена мерка притвор.
„Осомничениот, преку пораки на социјалните мрежи, го навредувал и му се заканувал на премиерот на Владата на РСМ. Имајќи ги предвид околностите на извршувањето на делото, опасноста од бегство, а особено фактот дека осомничениот е сторител и на други кривични дела од областа на насилниот криминал, јавниот обвинител му доставил на судијата на претходна постапка предлог за определување мерка притвор“, велат од ОЈО.
Премиерот Мицкоски рече дека вчера дознал за заканите кон него и неговото семејство, објавени на социјалните мрежи. Тој рече дека институциите веќе презеле мерки за обезбедување на лицето и очекува и судскиот систем да постапи во согласност со своите надлежности.
„Да, во текот на вчерашниот ден дознав за заканите кои се напишани на социјалните мрежи од ова лице, дека наводно сум свиња и дека ќе ме заколат на плоштад. Упатувал навреди кон мене и кон моето семејство. Јас сепак сум институција. Доколку не беше тоа, знам како се решаваат овие работи, но претпоставувам дека институциите ги презеле своите надлежности“, вели премиерот Мицкоски.
Министерството за внатрешни работи веќе го привело лицето. Од обвинителството, пак, информираат дека станува збор за конфликтно лице, со историја на закани и физички пресметки.
