Бранителот на поранешниот министер за економија, Даниел Георгијевски денеска ја критикуваше обвинителството за неточности во воведниот говор, истакнувајќи дека во 2012 година Министерството за економија воопшто не издало лиценца за објектот каде се случи пожарот во 2025 година.
„Во 2012 година во Министерството за економија, врз основа на барање издадена е лиценца за вршење на угостителска дејност КАБАРЕ, за локација на ул. Димитар Влахов ББ, во Кочани што е сосема различна локација од објектот каде се случил кривично правниот настан во 2025 година, а тоа е ул. Крижевска. Тоа јасно ќе се презентира и од вештачењето со што ќе се потврди дека се работи за две сосема различни локации, односно два сосема различни објекти и различно правно лице“, вели Георгијевски.
Како што вели станува збор за сосема различен објект, на различна адреса и за различен правен субјект.
„Обвинителството целосно ја премолчува оваа суштинска околност и ја игнорира законската рамка и надлежностите на Министерството“, изјави Георгијевски.
Тој посочува дека обвинителството го гради случајот врз две фундаментални невистини: дека објектите од 2012 и 2025 се исти и дека министерот имал надлежности да постапи поинаку, што не е точно.
Лиценцата од 2012 се однесувала на кабаре на сосема друга локација и не може да се поврзе со трагичниот настан.
Одбраната исто така ја доведува во прашање каузалноста на обвинението, потенцирајќи дека лиценцата имала рок од само една година, објектот бил повеќепати реновиран, а во времето на пожарот немал активна лиценца.
Дополнително, двајца други министри постапиле идентично како министерот од 2012 година, но не се опфатени во обвинението.
