Дел од приватните пензиски друштва од Вториот столб очекуваат да се предложи и усвои Закон за мултифондови. Ова треба да биде клучна реформа на Вториот столб, со што на идните пензионери ќе им се овозможи повисок очекуван принос на нивните пари. Воведувањето на мултифондови значат дека сите осигуреници автоматски, по возраст, ќе се распредуваат во три подфондови. Осигурениците до 40 години ќе влезат во таканаречениот растечки фонд, од 40 до 55 во балансиран и оние над 55 години возраст во конзервативен. Со ова ќе треба да се подобри соодносот „принос/ризик“ низ целиот работен век. Замислата е средствата од растечкиот фонд да се инвестираат во малку поризично портфолио, во балансираниот помалку ризично, а во конзервативниот фонд, инвестирањето да биде најригидно, со цел заштита на акумулацијата пред пензија.
ШТО СЕ МУЛТИФОНДОВИ И ЗОШТО СЕ ВАЖНИ
Растечки фонд (до 40 години): Поризични инвестиции со повисок очекуван долгорочен принос
Балансиран фонд (40 – 55 години): Стабилност со умерен раст на приносот
Конзервативен фонд (55+ години): Заштита на акумулацијата пред пензија
Овој пристап го намалува ризикот од голем пад непосредно пред пензионирање, а притоа им дава шанса на помладите генерации да „ времето да работи за нив“ преку капиталните пазари. Според информациите на ТВ21, Владата веднаш после изборите, на некоја од првите седници ќе ги разгледа предлозите на работите групи за реформи на пензискиот систем.
„Информацијата на Влада е помината во месец јули 2025 година, со одредени заклучоци, меѓу кои еден од заклучоците е и формирање на работна група, која што е воспоставена веќе на 21. седми и потпишано решение за именување на членови во работната група од номинираните институции. Истата веќе работи активно на подготовка на Предлог закон, односно модел, каде што токму овие мутифондови ќе бидат составен дел на идните законски измени“, изјави Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
Крајниот збор околу законите и насоката на реформите ќе треба да го даде Владата.
„А потоа, по давањето на заклучоците, односно доколку тој филтер во Владата помине, ќе следи и доставување на овој Предлог закон, измената на Предлог закон и во рамките на Собранието. Така да, активно се работи и повеќе чинителни по однос на вклучување на мутифондовите во однос на законските измени се расположени“, изјави Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
Велковски вели дека самиот пензиски систем е комплексен, и затоа многу се внимава на чекорите и се согледуваат сите податоци од анализите кои треба да бидат направени во овој период. Тој очекува дека за многу брзо време ќе има предлог Закон кој ќе биде во Собранието на одобрување.
Инаку, според пресметките, првата поголема исплата од Вториот столб ќе почне од јануари 2029 година, а до 2040 бројот на пензионери кои ќе земаат пензија и од првиот и од вториот столб ќе биде 112 илјади.
