Муслиманите се подготвуваат за Рамазан – „Штета што овој Рамазан се паѓа во деликатно време за човештвото“, вели Реџепи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре е првиот ден од месец Рамазан. Верниците муслимани се подготвуваат за месецот на постот. Бит пазар на пладне беше преполн со луѓе кои излегле да купат храна.

„Рамазан е олеснување за човекот, а не преоптоварување, јаде помалку и има време на оброк. Времето е убаво, ние сме постеле и на 40 степени кога било жешко, сега е посвежо, подобро, Рамазан е здравје“, вели граѓанин.

„Се спремаме за месец Рамазан, Господ да им даде благослов на сите муслимани па и нам. Колку што гледам цените се исти, нема промени“, додава граѓанин.

Овој пат Рамазан доаѓа во време на пандемија кога човештвото се бори со вирусот Ковид-19. Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи апелира да се почитуваат исламските начела како и тие од лекарите во врска со пандемијата. Според него во секоја џамија секој ден во време на ручекот ќе се пее по една мукабеле.

Постот во исламот е вежба за воздржаност кон храната и пијалакот. Постот за Рамазан е четвртиот од петте стола на Исламот. Верниците муслимани ќе постат секој ден до 23 мај, а на 24 мај се празнува празникот Рамазан Бајрам.