Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека државата останува отворена за активна комуникација со Софија, нагласувајќи дека проектот Коридор 8 е конкретен пример оти со соседна Бугарија може да се гради соработка кога постои политичка волја.
Одговарајќи на новинарски прашања пред Македонско-словачкиот бизнис-форум, Муцунски истакна дека прашањето за односите со Бугарија било една од темите на разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на средбата одржана во Минхен. Според него, Владата ќе продолжи да работи на изнаоѓање решение, но во рамки на јасно дефинираните принципи и национални позиции.
Министерот информираше дека присуствувал и на настан во Тирана посветен на Коридор 8, каде што, како што рече, се преземаат конкретни чекори од двете страни за реализација на проектот. Тој потенцираше дека западниот сегмент во Албанија треба дополнително да се интензивира, при што изрази задоволство од позитивните сигнали што доаѓаат од албанска страна. Коридорот, нагласи, не се однесува само на патната и железничката инфраструктура, туку и на енергетски и други поврзани проекти.
Муцунски предупреди дека во Бугарија е во тек изборен процес и дека Македонија нема интерес да стане дел од предизборната реторика таму. Според него, секој обид за вовлекување на земјата во внатрешно-политички пресметки во Софија не е во духот на европските вредности, а такви тенденции, како што рече, се чувствуваат и од одредени домашни политички фактори.
Во Минхен, на средбата со Кошта, премиерот Христијан Мицкоски ја повторил посветеноста на земјата кон европската интеграција, но и ставот дека процесот треба да биде достоинствен и принципиелен, заснован на европски вредности, а не на билатерални условувања. Разговорите опфатиле и реформите што се спроведуваат, како и предизвиците на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Инаку, Бугарија на 19 април 2026 година ќе одржи предвремени парламентарни избори, осми во последните пет години, по продлабочената политичка криза и масовните антикорупциски протести. Мандатарот за состав на техничката влада, Андреј Ѓуров, веќе ги претстави имињата на министрите што ќе го организираат изборниот процес.
