Муцунски на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО: Во фокус на разговорите инвестиции во одбраната, Украина и Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на министерскиот состанок на НАТО што се одржува во Хелсинборг, Шведска. Пред почетокот, Муцунски истакна дека средбата претставува важна можност, речиси една година по Самитот во Хаг, „да се види тоа што е постигнато од Хаг, но и во светло на претстојниот многу важен самит во Анкара“.

Тој нагласи дека во фокус на разговорите ќе бидат инвестициите во одбраната, поддршката за Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, но и Западен Балкан, при што истакна дека Западен Балкан останува „област во Европа каде што постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици“. Воедно, тој нагласи дека „НАТО е сојуз кој станува сè посилен благодарение на нашата посветеност на 5% трошење за одбрана“, оценувајќи дека состанокот ќе биде можност да се разговара и за предизвиците, но и за можностите пред Алијансата.

„Ќе дискутираме за нашите одбранбени индустрии, но исто така, што е подеднкаво важно, ќе дискутираме за посветената поддршка што ја обезбедивме како Алијанса за Украина и какви се нашите планови за понатамошно движење напред. Секако, ситуацијата на Блискиот Исток е истотака неизбежна за дискусија, а јас ќе инсистирам да се дискутира и за Западен Балкан, област во Европа каде што има сериозно злонамерно влијание што доаѓаа од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици.“, изјави Муцунски.