Муцунски: Нема услови за уставни измени – „постои недостиг на доверба за исполнување на обврските кон нас“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Во овој момент нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон спроведување на уставните измени“, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Во контекст на односите со Бугарија, Муцунски изјави дека нашата земја секогаш била подготвена за дијалог и останува отворена за соработка и сега. Сепак, според него, недостигот на волја за таков дијалог дошол од соседна Бугарија, конкретно од една од претходните политички.

– Во овој контекст нашата држава не е подготвена за уставни измени. Постои недостаток на доверба и кредибилитет во однос на исполнувањето на обврските кон нас како држава, така што во овој момент нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон спроведување на уставните измени, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Освен прашањето за уставните измени, Муцунски рече дека Македонија презема конкретни мерки во врска со својата европска перспектива. Исто така го оцени како важно достигнување затворањето на постмониторинг дијалогот од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа, оценувајќи го тоа како признание за напредокот на земјава, но и како дополнителна одговорност за продолжување на реформите и посветеноста кон европските вредности. Ова шефот на дипломатијата го кажа за време на заедничката конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој се наоѓа во својата прва официјална посета на Македонија. Берсе зборуваше за зајакнување на стабилноста и демократските стандарди во регионот и во Европа.

– Безбедноста и демократската стабилност во различни региони на Европа одат рака под рака. Ова го велам затоа што во овој момент ја гледам неопходноста да се има силен систем на одбрана, во време кога во Европа се случува повторно вооружување. Тоа е неопходно, но безбедност ќе имаме само ако имаме и силни институции кои функционираат истовремено и во соработка едни со други, изјави Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа.

Ален Берсе исто така нагласи дека наскоро ќе има решение за одлуките на Европскиот суд за човекови права против Бугарија. Според него, постигнат е одреден напредок на земјата во текот на последниот месец, но потребно е уште работа, бидејќи како што рече, потребно е време за да се заврши процесот. Исто така нагласи дека стабилноста на процесот е многу важна, бидејќи решенијата треба да бидат повеќе од само симболични, алудирајќи на потребата од реална и одржлива примена.