Муцунски во Украина: Поддршка за Киев и подготвеност за учество во обновата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во официјална посета на Украина, каде што се сретна со својот украински колега Андриј Сибиха.

Во фокусот на разговорите биле продлабочувањето на политичкиот и економскиот дијалог меѓу двете земји, европската перспектива, безбедносните предизвици, како и можностите за вклучување на Северна Македонија во процесот на закрепнување и реконструкција на Украина.

Муцунски ја потврдил континуираната поддршка за Украина, нагласувајќи дека нејзиниот суверенитет и територијален интегритет мора да се почитуваат.

„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила, а меѓународното право не може да биде прашање на избор“, порача Муцунски.

На средбата било истакнато и поширокото значење на безбедноста на Украина за европската и трансатлантската безбедност. Муцунски нагласил дека американското лидерство и европската одговорност треба да дејствуваат заедно за создавање услови за траен мир.

„Така го зајакнуваме одвраќањето денес, ги создаваме условите за мир утре и обезбедуваме тој мир да биде траен“, изјавил Муцунски.

Тој ја потврдил и подготвеноста на Северна Македонија да продолжи со поддршката за Украина и активно да се вклучи во нејзината повоена обнова.

„Кога разговорот повеќе нема да биде за одбрана и преживување, туку за обнова и просперитет, мојата држава има намера да биде тука – не само како пријател, туку и како партнер во закрепнувањето и реконструкцијата на Украина“, истакнал Муцунски.

Во рамки на посетата, тој се сретнал и со првиот заменик-претседател на Врховната рада, Олександр Корниенко. Муцунски и Сибиха положиле цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.

Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно унапредување на политичките и економските односи и продлабочување на соработката меѓу двете земји.