МВР: Бајрами се предаде на граничниот премин „Блаце“, испратен е во затворот во Шуто Оризари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, денеска се предал на граничниот премин „Блаце“. Од МВР велат дека тој е спроведен во затворот во Шуто Оризари.

„Денеска (09.09.2026) во 05:35 часот, на ГП „Долно Блаце“ за влез во Република Северна Македонија се пријавил Перпарим Бајрами (33), кој се барал со меѓународна потерница согласно наредбата на ОЈО Скопје бр. XVII КО бр. 4232/24 од 17.12.2024 година. Лицето е лишено од слобода и спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје“, соопшти МВР.

Бајрами повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот. Утрово сам се пријавил кај надлежните органи, по што бил лишен од слобода.

Тој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот „Државна лотарија“, а за него претходно беше распишана меѓународна потерница.

Бајрами, заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби, е меѓу главните осомничени во истрагата за наводни злоупотреби поврзани со Државна лотарија.

Во текот на денот се очекуваат повеќе детали од Министерството за внатрешни работи.

Покрај Груби и Бајрами, во случајот „Државна лотарија“ се обвинети и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

На судењето, кое започна оваа недела, сите обвинети се изјаснија дека не ја признаваат вината, со исклучок на Бајрами, кој до неодамна беше недостапен за органите на прогонот, и обвинетиот Башким Авдиу. Авдиу изјавил дека не го разбира обвинението и побарал да му биде доставено во писмена форма на неговиот мајчин јазик, албански.

Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година. Според обвинението, обвинетите ги пречекориле своите службени овластувања и предизвикале штета на Државна лотарија во износ од 596.125.511 денари.