МВР поднесе кривична пријава против Блерим Беџети – се сомничи дека овозможил незаконска корист од над 42 милиони денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против лицето З.Д. (61), но и ексградоначалникот на Сарај Блерим Беџети (49) поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според истрагата, З.Д., како овластено службено лице, овозможил незаконска корист од 3,2 милиони денари за фирма од Сарај, постапувајќи надвор од своите законски надлежности. Се сомничи дека дозволил донесување одлука за режим на сообраќај и техничка контрола, иако тоа било во надлежност на Општина Сарај. Од друга страна, Блерим Беџети, како градоначалник на општината, се сомничи дека на истиот субјект му овозможил незаконска корист од 42,8 милиони денари. МВР соопшти дека двајцата постапувале спротивно на Законот за локална самоуправа и Кривичниот законик.

„Во периодот од октомври 2022 до март 2023 година, тој двапати донел одлука за утврдување на режим на сообраќај и одлука за изменување и дополнување на одлуката за утврдување на режим на сообраќај, врз основа на барања поднесени од барателот (наведеното правно лице), без претходно да ја изврши неопходната проверка на доставените прилози и да утврди дека истите не се во согласност со Урбанистичкиот план за с. Глумово, со што постапил спротивно на законот“, велат од МВР.

На ова реагираше поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, кој сега е пратеник од редовите на Европскиот фронт. Тој ја поврза пријавата со вчерашните изјави на премиерот Мицкоски, кој рече дека имал „чувство“ дека ќе има кривични пријави, а според Беџети, денес МВР го реализирало тоа „чувство“.

„Случајност? Не. Ова е чист политички притисок. Кога пријавите се најавуваат од политиката, а се реализираат од институциите, тогаш имаме сериозен проблем со начинот на функционирање на државата. Но нека им биде јасно: јас не запирам. Не се уценувам. Не се повлекувам. Ова се обиди да се замолчи политичкиот глас што не прифаќа да се потчини. Тоа само ја зацврстува мојата увереност дека оваа битка е праведна. Визијата за враќање на достоинството на Албанците не е реторика. Таа е мисија“, вели Блерим Беџети.

Беџети на крај со иронија му се обрати и на албанскиот коалициски партнер во власта ВЛЕН, пишувајќи дека на оние кои денес мислат дека можат да градат власт преку контрола и страв: „Ви велам СВЛЕН!“

Инаку, пратеничката од ВЛЕН, Саранда Имери Стафаи, го оцени овој петок како позитивен, по кривичната пријава против Беџети и заплената на дрога во Тетово, пишувајќи: „Убав петок! Нека е со среќа до вечер!“