Откако беше објавен документот преку кој МВР го оспори предлог-Законот за државјанство, коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, која всушност е предлагач на законот, се јави со реакција. Портпаролот Фљакрон Беџети, постапката на МВР ја нарече скандалозна.
-Скандал, скандал со постапките на тоталитарните системи на едно време! Се чини дека Владата СДСМ-ДУИ заедно со братство-единство на Југославија, камуфлирана под слоганот „Заедничко општество за сите“, го враќа и монистичкиот менталитет со сите свои одлики-рече Беџети.
Инаку, на 28-ми декември 2020 МВР достави мислење до Владата, во кое пишуваше дека во предлог-законот не се јасно дефинирани неколку аспекти:
-Начинот на добивање државјанство, или стекнување државјанство како резултат на натурализација во рамките на државата.
-Разликата меѓу нив е суштинска: констатацијата значи државјанство од моментот на раѓање, додека натурализацијата значи процес од поднесување на одлуката за државјанство.
-Категориите на лица во вклучените норми не се јасно дефинирани, бидејќи со дефиницијата „да живееле“ од 8 септември 1991 година без да се наведе периодот, може да се толкуваат деновите, месеците и годините.
-Не се дефинирани условите за државјанство и важноста на доказите за исполнување на условите согласно законот.
На крајот на мислењето стоеше потписот и на ресорниот министер, Оливер Спасовски.
За овој предлог-закон пред неколку дена говореше и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој рече дека во него има елементи за кои треба да се дискутира, но не прецизираше што точно.
Според албанската опозиција, над 60 илјади Албанци немаат државјанство, поради, како што велат, актуелниот закон кој содржи многу услови и апсурдни барања. Од коалицијата АА-ААА бараат измените да се направат пред Пописот на население, со цел и овие граѓани да можат да бидат дел од пребројувањето. Против ваквиот нацрт закон се изјаснија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
