Министерството за внатрешни работи соопшти дека во изминатите две години е воспоставен поефикасен систем за издавање лични документи, со редовно закажување термини и навремена изработка на пасоши, лични карти и возачки дозволи.
Од Министерството наведуваат дека, покрај подобрувањето на административните процедури, инвестирале и во подобрување на условите за граѓаните. Во тој период е реконструирано Одделението за управни работи во зградата на МРТВ во Скопје, а отворени се и нови канцеларии за управни служби на повеќе локации низ државата.
Според МВР, со отворањето на новите канцеларии услугите станале подостапни за околу 200.000 граѓани.
Во соопштението се посочува и дека продолжува процесот на дигитализација на административните услуги. Преку Националниот портал за е-услуги, граѓаните можат електронски да добијат повеќе уверенија и потврди, без потреба од чекање на шалтерите.
„Нашата цел е институциите да работат побрзо, поефикасно и во служба на граѓаните. Продолжуваме со модернизација и дигитализација, затоа што квалитетната услуга е најдобар показател за функционална институција“, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.
