МЗ без нова кампања за поттикнување на вакцинацијата – Филипче се фокусираше на изборната кампања, три недели без прес-конференција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Венко Филипче последен пат во јавност се појави на 13-ти октомври. По неговиот последен настап, беше виден на кампањата на СДСМ навивајќи за кандидатите. Веќе три недели нема свикано прес-конференција во врска со епидемиолошката состојба со Ковид-19. Во неговото последно излагање, призна дека интересот на граѓаните за вакцинација е намален, но не беше конкретен во одговорот на прашањето – кои мерки ќе ги преземе за подобрување на процентот на имунизација. Додаде дека ќе продолжи со друга кампања за да ги сензибилизира граѓаните, но досега нема ништо од најавената кампања.  

Претходната кампања „За моментите на среќа – Вакцинирај се“ која чинеше 300 илјади евра беше промовирана на 23 август од страна на премиерот Заев и министерот Филипче, но падот на интензитетот на вакцинацијата укажува на тоа дека кампањата не дала некаков ефект. Ставен е клуч на големите спортски центри каде се вршеше масовна вакцинација.

Откако беше затворена големата сала А1 во „Борис Трајковски“, од пред еден месец вон функција е и малата сала од истиот центар. Иако, сите се свесни дека за да се надмине предизвикот со пандемијата, потребно е да се стекне колективен имунитет, Министерството за здравство нема план како да ги поттикне граѓаните да се имунизираат.

Еве каков одговор добивме од овој ресор на нашето прашање – дали и каква стратегија имаат во однос на ова прашање:

„Министерството за здравство од започнување на процесот на вакцинација стимулира и мотивира заинтересираност на граѓани за вакцинација. Преку сите платформи со кои располагаме како институција, преку самиот министер за здравство д-р Венко Филипче, како и преку клучните мотиватори – здравствените работници постојано укажуваме на тоа колку всушност вакцинацијата влијае на натамошното ширење на вирусот. Како клучни алатки се анализите кои ги испорачуваме на дневно и неделно ниво, во однос на новодијагностицирани вакцинирани граѓани, како и анализите од морталитетот помеѓу вакцинирани и невакцинирани заболени од вирусот Ковид-19“, велат од МЗ.

Лекарите предупредуваат на нов посилен бран месецов, кој може да се надмине само со вакцинација. Според пресметките на ТВ21, согласно податоците што ги објавува МЗ, во периодот од 1 јули до 1 септември со две дози се имунизирани 316.023, додека пак, од 1 септември до 1 ноември две дози вакцина примиле 236.815 граѓани, што значи околу 80 илјади помалку од претходните два месеца.

1 ЈУЛИ – Аплицирани се вкупно 557.400 дози, а ревакцинирани се 223.014 граѓани,

1 СЕПТЕМВРИ – Аплицирани се вкупно 1.267.666 дози, а ревакцинирани се 539.037 граѓани,

1 НОЕМВРИ  – Аплицирани се вкупно 1.611.685 дози, а ревакцинирани се 775.825 граѓани.