МЗ: Документот се користи само за патување – албанскиот јазик не фигурира на сертификатот за вакцинација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е сертификатот кој им се дава на граѓаните откако ќе ја примат вакцината против коронавирус. На него се заведени личните податоци на вакцинираното лице и датумите на вакцинација.

Овие податоци се испишани само на македонски и англиски јазик. Реагираат од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива. Од таму велат дека ДУИ албанскиот јазик го користи само како „шминка“ преку информативни табли, а нема храброст да го користи онаму каде што треба – на официјалните документи.

„Ова уште еднаш покажува дека функционерите на ДУИ албанскиот јазик го користат само како „шминка“ преку информативни табли, но немаат храброст да го користат таму каде што треба –  во официјални документи. Го повикуваме вицепремиерот Артан Груби и заменик-министерот за здравство, Илир Хасани да не се кријат зад нарачани пропагандни спотови“, велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Од Министерството за здравство велат дека албанскиот јазик не фигурира на овој документ, бидејќи се користи само за патувања во странство.

„Сертификатот е документ за патување во странство, односно им користи на граѓаните за влез во други земји, затоа е клучно да биде на англиски јазик. Сертификатот не е документ кој се употребува во земјава“, велат од Министерството за здравство.

Но, во Членот 12,13 и 14 од Законот за употреба на јазиците кои го уредуваат прашањето за лични документи и патни исправи на граѓаните, пишува дека доколку граѓанинот говори службен јазик, албански, тогаш документот му се издава на македонски и албански.

Од друга страна пак, самиот министер за здравство, Венко Филипче, рече дека потврдите за вакцинација се користат и во државата, во случај кога некое лице треба да подлегне на хируршка или друга медицинска интервенција.

Инаку, според податоците на МЗ до вчера во нашата земја се вакцинирале вкупно 259.577, а втората доза ја примиле 38.806 граѓани.