Светот минатата година доби речиси милион нови милионери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светот доби речиси еден милион нови милионери во 2025 година, што е еквивалентно на над 2.680 луѓе дневно, или речиси двајца секоја минута. Голем дел од овој раст надвор од САД беше во Европа, при што Источна Европа го забележа најбрзиот процент на раст, додека Обединетото Кралство, Франција и Шпанија заостануваат зад САД во однос на вкупниот број нови милионери, објавува „Еуроњуз“.

Според тековниот девизен курс, еден милион долари вреди околу 875.000 евра.

Процентуално, земјите од Источна Европа забележаа најбрз раст на бројот на милионери. Пет европски земји ги зазедоа првите пет места на глобалната ранг-листа на триесетте најбрзорастечки земји. Литванија забележа најголем раст од 8 проценти, добивајќи 921 нови милионери во долари. Турција е на второ место со 6,4 проценти, или 5.650 нови милионери, по што следува Летонија со раст од 5,7 проценти и 1.131 нови милионери. Унгарија забележа зголемување од 5,3 проценти (1.349 нови милионери), додека Ирска е на петтото место со 5,2 проценти, но со значително поголем апсолутен број од 9.491 нови милионери. Стапката на раст во Полска беше 4 проценти, а во Грција 3,5 проценти. Во извештајот се забележува дека зголемувањето на бројот на милионери зависи до одреден степен и од тоа колку блиску биле овие лица до прагот од милион долари претходната година.

Апсолутните бројки, кои даваат појасна слика за земјите со веќе голем број милионери, покажуваат различен редослед. САД забележаа најголем пораст со 441.078 нови милионери, што е речиси половина од глобалниот раст. Во Европа, Велика Британија доби повеќе од 43.000 нови милионери минатата година, додека Франција и Шпанија добија по повеќе од 32.000. Италија и Германија се исто така меѓу првите десет во светот, секоја со повеќе од 24.000 нови милионери. Не е изненадувачки што петте најголеми европски економии се меѓу првите десет во светот. Сите други европски земји регистрираа помалку од 10.000 нови милионери. Меѓу првите десет во светот се и Јапонија (31.428), Индија (31.033), Австралија (25.089) и Русија (21.951).