На 26 август ќе започне изградбата на втората делница од автопатот Скопје–Блаце! – Мицкоски: Во Македонија се градат 6 автопатски делници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски најави интензивирање на градежните активности, најавувајќи изградба на шест автопатски делници низ целата земја во наредниот период. Тој рече дека денес во Македонија се гради на повеќе од 1.200 локации и дека тоа е многу важно за Владата, бидејќи се ангажира домашната оперативна сила, што е сериозен показател за подобра економска активност, објави ТВ21.

На крајот од овој месец, најверојатно на 26 август, како што истакна Мицкоски, ќе започне изградбата на втората делница од автопатот Блаце–Скопје. Тој посочи дека за оваа делница се завршени сите формални постапки.

„Конечно, за овој десетгодишен проект, кој беше најавуван, имаме изведувач. Станува збор за домашна компанија, имаме надзор и се исполнети сите услови за да започне изградбата на овој автопат. Во септември очекувам да започне и изградбата на уште една автопатска делница, а тоа е Букојчани–Кичево, додека со зголемена динамика да го завршиме автопатот Кичево–Охрид. Очекувам делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена во втората половина на октомври, додека целата делница да биде завршена во првиот квартал од следната година, 2027 година“, изјави Мицкоски.

Премиерот исто така истакна дека со зголемена динамика продолжуваат градежните активности на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д – Прилеп–Битола, Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани.

„Вкупно, приближно шест автопатски делници ќе се градат и тоа претставува голема и интензивна градежна активност. Кога на тоа ќе се додаде и железницата, делница 2, која практично е дел од Коридорот 8 (источното крак), како и делница 3, за која очекувам наскоро да биде објавен јавниот повик, откако ќе бидат надминати сите административни предизвици, тоа значи дека навистина ќе имаме интензивна изградба. И доколку сè се одвива како што треба, со завршувањето на физибилити-студијата и со започнувањето на Коридорот 10 на почетокот на следната година, доколку, се разбира, се решат сите предизвици што ги имаме. Очекувам да нема пречка тие да бидат решени“, истакна премиерот.

Како што рече тој, денес во Македонија се гради на повеќе од 1.200 локации, а тоа е многу важно за Владата, не само затоа што се ангажира домашната оперативна сила, туку и затоа што тоа претставува сериозен показател за подобра економска активност.

„Она што за мене е исто така важно како премиер е фактот дека економската активност носи и добри економски резултати. Во периодот што следува очекувам сè поголема ваква активност, особено во градежниот сектор, кој претставува еден од двигателите и носителите на економската активност во Македонија. Не можеме да решиме сè – нешто што е запоставено и не е решавано со децении, но ветуваме дека сè што можеме да решиме, па дури и ќе се обидеме да направиме и повеќе од тоа, ќе го реализираме“, додаде Мицкоски.