На 7. март се поставува камен темелник на кампусот на УМТ: Ќе има базени, спортска сала и библиотека

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спортска сала, базен за пливање и библиотека – сето ова ќе биде дел од новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Се подготвува теренот за на 7 март да се постави камен-темелникот за изградба на новиот објект.

Ректорот Беким Фетаји вели дека изградбата се предвидува да заврши во рок од 4 години. Тој информираше дека неколку постојни објекти ќе бидат урнати и на нивно место ќе се изградат нови.

„Универзитетот многу напредуваше и сега со новиот кампус, кој ќе се гради на површина од 22 илјади квадратни метри, а со внатрешен простор кој и нас нè изненади – околу 95 илјади и 102 квадратни метри проектна површина со целиот ентериер и сите катови на објектот. Ќе има различни згради, некои со висина до пет ката, а некои пониски“, рече Беким Фетаји.

Фетаји изјави дека овој објект ќе има капацитет за 10 илјади студенти. Се очекува да биде еден од поистакнатите кампуси во земјата, и по естетскиот изглед и по академската содржина.

„Проектот е на Владата и беше одобрен на 3 септември 2024 година во износ од 34,5 милиони евра, кои се распределени во шест фази. Компанијата што ќе победи на тендерот ќе ги добива средствата во шест различни фази, во зависност од работите што ќе ги реализира“, рече Фетаји.

Инаку, Универзитетот „Мајка Тереза“ е основан во 2016 година. Првично функционираше во објектот на Сојузот на синдикати, додека некои факултети беа сместени во објектот на основното училиште „Конгресот на Битола“.