На аеродромот во Истанбул уапсен Бобан Томовски, соработник на Седат Пекер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска на аеродромот „Сабиха Гокчен“ во Истанбул, Турција бил приведен македонски државјанин.

Се работи за Бобан Томовски, кој бил приведен во обид да отпатува за Египет, а се очекува в сабота да биде испорачан во Македонија, пишуваат турските медиуми.

„Конечно, лидерот на криминалната организација Бобан Томовски, познат по својата блискост со Седат Пекер, беше фатен на аеродромот Сабиха Гикчен. Томовски, кој наводно бил вмешан во шверц на дрога, бил приведен при обид да замине во Египет”, пишуваат турските медиуми повикувајќи се на полициски извори.

Според тамошните медиуми, Томовски бил близок соработник на нарко босот Седат Пекер и заедно дејствувале во Македонија.

Во Турција има потерница по Седат Пекер како водач на голема криминална организација, а се претпоставува дека е тој избеган во Обединетите Арапски Емирати.

Инаку, името на Седат Пекер е дел и од аферата со издавање на фалсификувани пасоши со лажен идентитет од страна на македонската полиција на бројни криминалци и нарко босови од регионот и пошироко.