Законот за тротинети се донесе пред околу еден месец, но проблемите и загриженоста на граѓаните останаа. По пешачките патеки и натаму се вози брзо и без внимание кон пешаците, а често пати се забележуваат дека тротинети возат малолетници, што е забрането. Граѓаните велат дека не се чувствуваат безбедно а многу често се нашле во ситуација кога биле во опасност да бидат удрени или прегазени од тротинети.
„Ги загрозуваат сите пешаци што сме. И на автобуските станици и по тротоари возат и недозволени места. Така што јас мислам дека треба да ги забранат тротинетите. Од автобус кога се симнувам не знам дали ќе помине тротинет или не“.
„Не се чувствувам безбедно. Да ви кажам во Трговски центар бев, таму каде што не треба да има никакви превозни средства во мене ќе удреше тротинет еден постар човек го возеше и среќа што рипна од тротинетот, инаку којзнае што ќе ми се случеше. Немаме култура, не, мислам дека се многу опасни, особено што возат по улица, возат и разговараат и на телефон, не се безбедни тротинетите, опасна работа“.
„Брзо возат, неодговорно. На пример, патеката е за натаму тие возат обратно. И неколку пат им велам обратно возиш. Кој си ти да ми кажуваш“.
„Кој милува да вози, вози, кој не…. По пешачките патеки што возат… Не се вози внимателно. Некогаш и ако не реагираш може и да те удри тротинет“.
Законските измени кои беа донесени по скратена постапка предвидуваат строги правила на користење на електричните тротинети. Законот предвидува по пешачките патеки да се вози најмногу со 5 километри на час, додека по велосипедските најмногу до 20, но нејасно е како ќе се мери дали некој ја надминува брзината. На малолетни лица им е забрането да возат тротинет, а возачот мора да носи заштитна кацига и не смее да превезува друго лице. Од МВР велат дека контроли се спроведуваат и се изречени казни.
„Во периодот од 1 до 6 август оваа година на територија на цела држава санкционирани се вкупно 117 возачи на лесни електрични возила односно тротинети. Од нив 19 на територија на СВР Скопје, 10 на подрачје на СВР Тетово, 21 во СВР Струмица, 6 во СВР Велес, 46 на територија на СВР Битола, 4 на подрачје на СВР Охрид, а од страна на мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани се 11 возачи на лесни електрични возила“, вели Гоце Андреевски.
Максималната парична казна за непочитување на одредбите од законот е 275 евра, а во зависност од прекршокот постои можност и тротинетот да биде одземен. Инаку, според едно истражување возачите на тротинети се изложени на значително поголем ризик од сериозни повреди особено на главата.
