На германски аеродром запрен маж со куфер полн со змии

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Четириесет и петгодишен маж од Мексико бил запрен на аеродромот Келн-Бон во Германија, откако се обидел да внесе во земјата повеќе од 90 влекачи, меѓу кои десетици отровни змии и гуштери.

Според царинските власти, мажот, кој работи како пожарникар во Мексико, го привлекол вниманието на службениците бидејќи изгледал видно нервозно додека минувал низ зелениот коридор на аеродромот, наменет за патници кои немаат ништо за пријавување, објави Би-Би-Си.

Најпрво, цариниците му направиле тест за откривање дрога, кој бил позитивен на кокаин. Сепак, при претресот на куферот не биле пронајдени наркотични средства, туку нешто сосема друго: десетици змии и гуштери скриени меѓу личните предмети.
Во куферот биле пронајдени отровници, ѕвечарки и други видови змии, како и гуштери, вклучувајќи и игуани. Животните биле скриени во шишиња од детергенти и кремови, пластични садови и меѓу чорапите.

„Моите колеги на аеродромот се навикнати да гледаат многу необични работи во куферите на патниците, но досега не сме наишле на 37 живи отровни змии и 55 гуштери пристигнати од Мексико“, изјави Јенс Аланд, портпарол на Царинската управа во Келн.
Според него, некои од животните биле чувани во нехумани услови, додека други угинале за време на патувањето од Мексико Сити, со попатно запирање во Истанбул.

Задржаниот маж им рекол на властите дека ги пренесувал влекачите како услуга за познаник од Бразил. Сепак, не му било дозволено да влезе во Германија, по што бил вратен со авион во Истанбул.