На Коцевски му се „крои“ разрешување: Одлуката не е само правна туку е и морална, порача министерот за правда Филков

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку е и морална, потребно е се даде нова атмосфера на професионализам, изјави во интервју министерот за правда Игор Филков откако до Владата достави и официјално мислење за поведување одговорност на првиот човек на Јавното обвинителство. Иако се чека прво мислењето на Советот на јавни обвинители, Филков вели дека ќе го почитуваат нивниот став но нема да биде обврзувачко во одлуката за разрешување.

-Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавно обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието, рече Игор Филков, министер за правда.

Иако евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас не говореше конкретно за инциијативата за разрешување на Коцевски, тој порача дека приоритет на земјава се реформите во правосудството.

-Реформата на судството е мајка на сите реформи. Тоа мора да биде приоритет и цврсто верувам дека ова е основата. Откако реформите ќе бидат спроведени, корупцијата може да биде елиминирана а довербата на инвеститорите ќе се врати и тоа е многу важно за државата да просперира, вели Михалис Рокас, евроамбасадор.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ објави на социјалните мрежи дека главна причина за разрешувањето на Коцевски е случајот со спогодбата на Иџет Мемети и врховниот судија Наќе Георгиев за кој веќе има судска разрешница. Коцевски е близок со Мемети и контроверзната спогодба за него и со минималната казна за Георгиев има разлика во примената на правото кога обвинетиот му е колега и пријател на обвинителот, вели Милошоски.

-Државниот обвинител Коцевски и Иџет Мемети се познаваат долги години, а во времето на истрагата за стореното кривично дело заедно беа колеги, односно и двајцата беа членови во Советот на јавни обвинители. И бидејќи секоја можна спогодба за сторен криминал во предмет од интерес за јавноста се реферира пред државниот јавен обвинител, во овој случај Коцевски како колега на Иџет Мемети, требало заради објективна пристрасност да се изземе од предметот, вели во објавата Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова стигна реакција од портпаролот на Коцевски во кое се вели дека за овој случај, јавниот обвинител не бил во ситуација на судир на интереси.