Учениците ја бараат наставничката Албина, бидејќи таа им држела настава. Но, на неа и на уште неколку други наставници од Основното училиште „Кирил и Методиј“-Тетово не им е продолжен договорот. Револтираните родители велат дека станува збор за политички игри и не дозволија нивните деца да влезат во училница.
-Ќерка ми е кај наставничката Албина. Цела ноќ плачеше, ја сака наставничката Албина. Зошто да ја избркаат? Таа има и магистратура, не е без образование. Децата се навикнаа на неа за два дена, требаше тоа да го направат пред 3 месеци, а не сега, вели еден родител.
-Не ги трауматизиравме наставничките ние, бидејќи нам само една СМС ни пристигна дека таа веќе не е наставничка. Никаде во светот наставничка не се менува со една СМС порака.
-На почетокот на јуни кога ги запишувавме децата, требаше да кажат дека наставничката Албина од септември нема да држи настава и ние ќе размислевме каде да ги запишеме децата. А не сега кога децата беа со неа три дена. Се навикнаа, ја засакаа наставничката. Нека ја вратат назад и да почнеме од почеток.
Во одделението што го води Албина не се појави ниту еден ученик, а директорката на училиштето вели дека замената на наставници не е нејзина надлежност.
-Со сите наставници потпишуваме договор за работа до 31 август. На оние кои им истече договорот, колку се, ги имате надвор имињата, јас не можам да зборувам повеќе, бидејќи јас сум тука заради децата. Децата ги истрауматизиравте и тоа не се простува, изјави директорката на ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово, Сихана Каба.
„Во ова одделение со 35 ученици требаше на настава да биде и наставничката Албина, но родителите не ги пуштија на училиште, бидејќи наставничката вчера по наредба на Управата на училиштето е отстранета од нејзиното работно место“, вели репортерот на ТВ21, Сенат Зилбехари.
И децата од друго одделение ја бараат наставничката Арјета, која исто така веќе не е дел од наставниот кадар. Иако директорката ги внесе децата во училница, тие брзо потоа излегоа плачејќи.
-Ве молам држете настава со децата кои со транспаренти ја бараат наставничката Арјета.
-Наставничке продолжи со настава, запознај се со учениците, вие ќе останете внатре, во ред?
-Не, нема да држат настава, ние не сме против наставничката, но децата добија траума, плачат и не можеме да ги смириме, рече еден родител.
Од Секторот за јавни дејности велат дека на 31 август истекле сите договори, а до објавувањето на новиот конкурс ќе има само привремени вработувања, по што ќе бидат примени на работа. Назми Даути вели дека директорите се тие кои примаат кадар, а градоначалникот само дава согласност.
-Ние како општина бевме должни градоначалникот да даде согласност затоа што ние како општина ги немаме одобренијата за новите вработувања 2022-2023 година. Мора да го имаме предвид фактот дека Членот 34 од Законот за спречување на корупцијата, децидно пропишува дека до конституирање на Советот не може да се отвораат нови конкурси. Во моментот кога ќе дојдат нови одобренија од Министерството за образование, овие работни места ќе бидат објавени на конкурс и секој ќе има право да се пријави, изјави Назми Даути од секторот за јавни дејности.
Иста ситуација е и во училиштето „Наим Фрашери“. Информациите на родителите велат дека 11 наставници се заменети со нов кадар.
