Во неколку училишта во Тетово, наставата утрово беше бојкотирана во знак на револт од наставниците бидејќи не добија плати. Доцнењето на платите, како што изјави директорката на училиштето „Кирил и Методиј“, дошло како резултат на тоа дека новите училишни секретари не знаеле како да го испланираат училишниот буџет.
„Денеска имавме средба со наставниците, првиот час не беше одржан поради револтот на наставниците бидејќи тие не добија плати, целосно ги разбираме затоа што е крај на годината и како што ни беше кажано од секторот за јавни дејности сето ова е поради тоа што некои секретари на неколку училишта се нови во својата работа и се направени неколку отстапки во буџетот на нивните училишта, каде треба да се даде регрес и еден мал проблем ја измешала целата работа во општината Тетово“, вели Сихана Каба Касами.
Градоначалникот на општина Тетово Билал Касами во текот на денот не беше ниту информиран за ова прашање и рече дека општината не е виновна.
„Немам информации дека има бојкот и не гледам причина да има бојкот во училиштата, но се додека самите училишта дале предлог, бидејќи предлогот за ребаланс доаѓа од самите училишта. ако згрешиле, тие грешки се поправени и не гледам причина за да има бојкот и во овој случај утре задутре ќе поминат платите“, вели Биљал Касами.
Додека се подготвуваше овој прилог, наставниците земаа плата во текот на денот. Но, ова не е првпат вработените во образованието во Тетово да имаат доцнење на платите поради грешки направени при подготовка на буџетот.
