На северот на Косово денеска мирно. Сепак, по вчерашните инциденти и судири на етничките Срби и косовската полиција, во кои беа повредени повеќе од десетина лица, безбедноста е зголемена.
Полициски службеници забележани патролираат во Звечане и Митровица.
Етничките Срби од северот на Косово, вчера се обидоа да ги блокираат неодамнешните избрани градоначалници, кои се Албанци да влезат во општинските згради.
Рано утрово се огласи премиерот на Косово, Албин Курти, кој порача дека ја разбираат загриженоста на меѓународната заедница, но додава дека секоја друга опција, освен поставување на избраните градоначалници на нивните функции би било спротивно на уставот. Ги повика сите граѓани од српска националност, да соработуваат со новите градоначалници, бидејќи како што вели тој, тие не се против никого, туку се во служба на сите.
„По заклетвата во четвртокот, вчера, тројцата градоначалници избрани на изборите на 23 април во четирите општини на северот на Косово, го имаа првиот работен ден. Градоначалникот да оди на своето работно место треба да биде најнормалната работа. Објектот на зградата на општината е местото каде што граѓаните се опслужуваат врз основа на закон и устав.“, рече Курти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ утрово го свика Советот за безбедност. Според тамошните медиуми, одлучено е војската да остане на високо ниво на готовност, a началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ, е овластен да одржува директен контакт со командантот на КФОР, во обид да се погрижи КФОР и НАТО да го заштити српското население.
Се огласија и од КФОР, од каде велат дека внимателно ја следат целата ситуација. Повикаа на смирување на тензиите, додавајќи дека ги осудуваат сите еднострани дејствија што ризикуваат понатамошна ескалација на тензиите во Косово. Вчерашните инциденти ги осудија ЕУ, САД и НАТО.
Новинарката Ана Марија Ивковиќ, од Радио Контакт Плус, кое работи на северот на Косово, вели дека меѓународната заедница итно мора да преземе мерки за смирување на ситуацијата. Се плаши дека ситуацијата може да ескалира.
„Доколку меѓународната заедница не преземе брзи мерки за деескалација на ситуацијата, она што можеме да го очекуваме во следните денови е ескалација каква што имавме вчера во Звечан, или уште полошо.“, вели Ана Марија Ивковиќ.
Во вчерашните инциденти полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, а воедно и да им овозможат на новие функционери да дојдат на нивните работни места. Беа запалени неколку автомобили, меѓу кои и полициски автомобил.
Српската страна соошти дека десетина демонстранти биле повредени.
Косовската полиција соопшти дека пет полицајци биле повредени, додавајќи дека демонстрантите фрлале шок-бомби и други предмети. Новите градоначалници се избрани на изборите кои се одржаа во месец април, а кои беа бојкотирани од етничките Срби.
