Опасноста од нови пожари и понатаму е висока, а надлежните предупредуваат дека состојбата на терен останува сериозна. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, само завчера биле регистрирани околу 26 пожари.
Особено драматично било во атарот на селата Урвич и Јеловјане, во Општина Боговиње, каде што огнот се доближил до населеното место Јеловјане. Благодарение на интервенцијата на тетовските пожарникари и помошта на локалното население, огнот бил запрен на патот.
Ангелов информира дека состојбата во овој дел засега е стабилна, пожарот е под делумна контрола и не претставува опасност за населените места. Според него, не била зафатена ниту квалитетна шума.
Како сериозен пожар го издвои и оној кај селата Локов и Буринец, на територијата на Општина Струга. Огнот зафатил неквалитетна шума, грмушки и трње, но постои опасност да се прошири и кон поквалитетниот шумски појас.
Поради тоа се разгледува можноста за ангажирање хеликоптер, додека екипи на ЈП „Национални шуми“ се упатени на терен за да се утврди најсоодветниот начин за ставање на пожарот под контрола.
Пожар избил и во атарот на селото Селце, во близина на вештачкото езеро Мантово, на падините на планината Серта, каде што била зафатена ниска вегетација. Во гаснењето учествувале штипските пожарникари, со поддршка на огнен тим на ДЗС составен од доброволни пожарникари од Штип. Во акцијата бил ангажиран и полициски хеликоптер, кој помогнал еден крак од пожарот да биде ставен под контрола.
Ангелов предупредува дека и во наредниот период е можна појава на нови пожари и апелира граѓаните да бидат особено внимателни.
„Доволна е само една искра за да се случи катастрофа“, предупреди тој.
Според Центарот за управување со кризи, вчера до 13 часот на територијата на државата биле регистрирани 12 пожари на отворен простор. Под контрола биле пожарите во Битово, Заград и Страјане, Драгов Дол, над Палиград, во Стиник, Градец, на градската депонија „Острец“ и во Јеловјане. Изгаснат бил пожарот кај Бузалково.
Пелистер по 72 часа ставен под контрола
Во меѓувреме, по 72 часа непрекината работа на терен, заврши една од најтешките акции за гаснење пожар во Националниот парк „Пелистер“.
Од Националниот парк „Пелистер“ информираа дека пожарот бил еден од најкомплексните во оваа сезона, особено поради шумскиот појас во кој доминираат црн и бел бор.
И покрај тешките временски услови и непристапниот терен, пожарот бил ставен под контрола благодарение на координираната работа на повеќе институции и екипи.
Во акцијата учествувале единиците на НП „Пелистер“, ТППЕ Битола и ТППЕ Ресен, механизација на ЈП „Стрежево“, огнените сили на ДЗС, ДПД „Архангел“, ДПД Кочани, хеликоптери на Воздухопловниот ВИНГ на АРМ, „ер трактори“ на ДЗС, како и приватни стопанственици и доброволци.
Од НП „Пелистер“ посочија дека дел од екипите останале на терен и повеќе од 48 часа, без прекин, во борбата со огнената стихија.
Од паркот изразија благодарност до сите институции, припадници на службите, доброволци и граѓани кои помогнале во справувањето со пожарот.
