На Табановце запленети 40 тони необележани јајца од Србија – требало да се пласираат како македонски, завршија на „Дрисла“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спречен обид за нелегален увоз на јајца од Србија кои пред големиот празник Велигден требало на домашниот пазар да завршат како македонски. Станува збор за количина од над 40 тони необележани јајца, кои се уништени на депонијата Дрисла.

„Врз основа на оперативните сознанија и повеќемесечно професионално следење на активностите на домашните увозници и извозници со јајца, на граничниот премин  Табановце беше спроведена акција во која при детална контрола откриени се над 572 илјади необележани свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока“, вели Оливер Миланов.

Во едната пратка биле прнајдени 270.000, а во другата 302.400 необележани јајца. Според АХВ, постоеле индиции дека овие производи требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како македонски, со што би се загрозиле и потрошувачите и конкурентноста на домашните производители.

„Благодарение на брзата, стручна и одлучна реакција на Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Царинската управа, спречена е сериозна измама и потенцијален ризик за потрошувачите. Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и е нештетно уништена на депонијата Дрисла“, вели Оливер МИланов.

Од АХВ најавуваат бескомпромисна борба против измамите со храна со засилени контроли и активности на терен. За вклучените субјекти ќе бидат изречени соодветни санкции, а дополнително ќе се проверува нивното досегашно работење.