Решението за деценискиот спор околу гасоводот изготвено, но заглави низ лавиринтите на законодавниот дом. Договорот меѓу државата и Макпетрол по една година , стаса пред пратениците, но не може да стане реалност. Атмосферата во законодавниот дом деновиве стаса до точка на вриење откако пратениците од опозицијата се противат на предлог законот. За нив одлуката би била скандалозна, оти како што велат државата е спремна да плати премногу за да го преземе во целост управувањето со гасоводниот систем.
„Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ, дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот ниту за народните пари. Важен му е само неговиот интерес“, изјави Дафина Стојановска – пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Со предлог законот се предвидува сите тековни судски спорови да бидат затворени, со цел мирно да се надминат разликите вон судски пат. Со ова би се овозможила непречена реализација на гасоводот и гасификацијата на државата како капитален проект. Во јавноста се наметна прашањето,зошто сумата, која пред неколку години била договорена на 20 милиони евра, сега е зголемена за плус 10 или 13 милиони евра? И експертите скептични околу целиот процес .Некои од нив се сомневаат, дека во случајот со ГА-МА се кријат многу контроверзи.
„За четири години да се зголеми за 50 проценти, треба да има некакво образложение. Кои се тие дополнителни капитални вложувања? Нема таква инфлација која ќе ја зголеми цената на овој објект, што не било потпишано пред 3 -4 години. Може да се земе во предвид дека објектот се амортизира и се намалува вредноста. И сега одеднаш имаме зголемена вредност. Прекутрупа се бара да се реши во Собрание и одеднаш се појавува сомнеж, што има зад едно вакво силување на Собранието?“, изјави Костадин Димитров – член на МАЦЕФ
Законот е противуставен вели Димитров, потенцирајќи дека во целата ситуација има многу нечисти и како што ги нарекува “Дворски игри. Зошто Владата така одеднаш се согласува на Макпетрол да плати дополнителни 13 милиони евра, прашува Димитров и зошто како што вели „врелиот костен“ сака да го префрли пред пратениците?
„Таа претходна сума, знам дека била врз основа на финансиски ревизори кои земале документи, анализирале. И се добила некоја сума која некое независно тело направило проценка дека таа сума е толкава и 50 посто е на државата 50 посто на Макпетрол. Тогаш требало судот да одреди а се договориле двете страни да биде вон парнично. И одеднаш вон парнично можеш се што сакаш да додадеш, ама ако ја надминеш некоја нормална сума тогаш имаш и законска одговорност.
Тој нема дилеми дека гасоводот мора да премине во целосна сопственост на државата но советува дека случајот треба да има судска завршница. Според него никогаш не треба да се продава она што е наследено. Упатените забележуваат, дека на Макпетрол му годи проблемот да биде без завршница оти со тоа си прави профит. Од друга страна додаваат, дека нерешениот децениски спор создавал и загуби за државата.
Докупувањето на акциите во АД ГА-МА од страна на државата , беше причина и државата да ги скрати парите за капитални проекти со ребалансот во септември и дел од средствата ги пренамени за оваа потреба.
