Од 2022 граѓаните требаше слободно да ги минуваат границите со Србија и Албанија, но и ова лето над 1 час се чека за влез кај нашите западни и северни соседи.
„Доматите од Албанија, ги бараат рестораните во Србија доаѓаат без проблем, а додека стигнат во Босна и Херцеговина тие се направени кечап, чекајќи на границите и патот до Босна и Херцеговина. Тие порачуваат свежи домати, а добиваат кечап или тој што порачува млеко од затворен Балкан добива кисело млеко, бидејќи тоа млеко ќе чека на граници, анализи, а веќе во Отворен Балкан и тоа е факт.“, рече Еди Рама.
И натаму нема слободен пристап до пазарот на трудот. Не е воведена единствена работна дозвола за Македонија, Србија и Албанија. Процесот го кочи нашата земја.
„Важно е да кажеме дека Србија и Албанија ги усвоија сите потребни документи за работни дозволи и воспоставување на единствен пазар на труд, но без работни дозволи нема единствен пазар на труд, ниту нешто друго. Во Македонија што е многу важно ги направи сите технички работи, но ова што недостасува е одлука на македонското Собрание и веруваме дека во наредниот денови и недели тоа ќе биде направено.“, изјави Вучиќ.
Лидерите се согласија дека тоа е камен-темелник од каде започнуваат големите работи. Но тешко е велат да се координираат три држави и одлуките.
Претходно, српските медиуми објавија дека околу 30 илјади занаетчии, лекари, медицински сестри и техничари во Македонија од септември ќе работат во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи.
Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји, да ги внесе своите податоци преку порталот е-Управа и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“. Но, тоа на сила ќе стапи откако македонските пратеници ќе дадат зелено светло.
