Иако во Тетово снабдувањето со вода за пиење достигнува над 400 литри во секунда, овој ресурс не стигнува до сите домаќинства. Од Јавното комунално претпријатие „Шарри“ велат дека главниот проблем е поврзан со загубите во застарената мрежа, како и со нелегалните приклучоци кои не се фактурираат.
Според нив, загубите во мрежата се значителни и директно влијаат врз недостигот на вода во одредени делови. Директорот на претпријатието, Валон Зеќири, истакнува дека во моментов има околу 24 илјади регистрирани потрошувачи кои се фактурираат за вода, во споредба со операторот ЕВН, кој во Тетово има над 40 илјади потрошувачи. Разликата укажува на голем број корисници кои не плаќаат.
„Инкасантите што ги имаме веќе започнаа со регистрација, но кога дојдов јас како директор имаше 21 илјада, сега имаме 24 илјади. Три илјади се нови регистрации и секојдневно сме на терен со нови регистрации. Околу 16 до 18 илјади се клиенти што не плаќаат, и ако се пресмета само таксата од 100 денари, тоа е сума со која би можеле да се покријат платите на сите вработени.“, вели Валон Зеќири.
Од друга страна, граѓаните на Тетово велат дека вода има, но бараат подобро управување и фер наплата за сите.
АНКЕТА:
„Вода има во Тетово, дури и селата полнат големи буриња, но треба работа секој ден. Вода има, но се троши бидејќи селата се поврзани со Тетово. Треба ли да се плаќа водата? Секако дека треба да се плаќа.“
„Треба да се плаќа водата. Тоа е една од најважните работи во светот.“
„Водата треба да се плаќа и треба да ја има – тоа е едноставна математика.“
„Во некои делови нема вода што доаѓа од Лешница. Таа е повеќе од непитка. Треба да се знае со мерачи кој колку троши – некој со два члена плаќа исто како некој со шест.“
Според студија за изводливост, во Тетово околу 35% од водата се губи во амортизираната мрежа, додека уште 35% се троши без да се фактурира, главно поради нелегални приклучоци.
