Тетовската библиотека ќе прерасне во универзитетска библиотека, со што ќе се направи значаен чекор кон подигнување на стандардите за нејзините читатели. Оваа трансформација ќе овозможи збогатување на книжниот фонд со нови научни наслови и неопходни истражувачки материјали за студентите и истражувачите. Директорот на оваа институција, Бинас Пајазити, информира дека иницијативата ги поминала сите неопходни официјални процедури и дека сега се чека само конечната одлука на Владата.
„Иницијативата ја започнавме претходно и ги поминавме сите процедури. Добивме мислења за соработка од Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и матичната библиотека во Скопје. Иницијативата ги помина сите процедури во рамките на Министерството за култура и соодветните комисии. Според информациите што ги имам, денес треба да ја помине и последната процедура, односно да ја добие одлуката на Владата и да прерасне во универзитетска библиотека.“, порача Бинас Пајазити.
И покрај овој значаен чекор, главен предизвик останува недостигот од соодветен простор. Институцијата има итна потреба од посебна читална, која би служела за користење на литературата со посебна вредност, за која не е дозволено да се изнесува надвор од библиотеката. Директорот Пајазити појаснува дека во постоечките услови се планира создавање на барем едно посебно работно катче за научните истражувачи.
„Немаме читална, во класична смисла. Во условите во кои се наоѓаме, во новиот простор, можеме да создадеме работно катче за научна работа на истражувачите, бидејќи целиме кон тоа библиотеката да стане универзитетска. Тоа е потребно за одредени книги што не се издаваат надвор од библиотеката. Сепак, ќе ни биде потребно малку време за да го создадеме, бидејќи немаме читална во класична смисла“, вели Бинас Пајазити.
Денес, Библиотеката во Тетово е втора во државата според бројот на корисници, со повеќе од 10 илјади активни читатели и фонд од над 100 илјади наслови.
